Македонија
18. јуни 2018 - 16:57

Опожарено возилото на пратеникот од СДСМ Хари Локвенец

Синоќа околу 23 часот е запалено возилото на пратеникот од СДСМ во Собранието на Република Македонија, Хари Локвенец. Во телефонскиот разговор

Локвенец само ни го потврди настанот, кој се случил синоќа пред неговата зграда на улица „Кеј 9-ти Септември“ во населбата Ѓогдере во Прилеп, но не сакаше повеќе ништо да коментира околу случајот.

Од СВР Битола го потврдија настанот дека непознат сторител го опожарил патничкото возило „Мини Купер“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на таткото на Хари Локвенец. Но од полицијата освен оваа штура информација не откриваат повеќе детали околу настанот и само потенцираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Од екипата на територијалната противпожарна единица од Прилеп изјавија дека повикот за пожар го примиле синоќа во 23.08 минути, а завршиле со гаснењето во 23.51 минута. Возилото било опожарено на паркингот пред зградата, а тие на терен излегле со едно возило и тројца пожарникари.

Дознаваме дека претходно обиди за гаснење на пожарот имало од страна на соседите на Локвенец со против пожарен апарат.

Истрагата допрва треба да утврди кои се точните мотиви за палењето на возилото на пратеникот Локвенец и кој е сторителот.