Македонија
8. December 2023 - 16:51

Онколошките пациенти разочарани што уште нема епилог за скандалот на Онкологија

И по четири месеци од избивање на скандалот на Онкологија кој во септември ја потресе целата јавност, се уште е во предистражна постапка. Немањето информации дали и кој се богател на грбот на најтешко болните и препродавал терапија, ја спласна надежта и ентузијазмот на онколошките пациенти дека вистината ќе излезе на виделина. 

- Со оглед на тоа дека ние сме и пациенти нели, со оглед на тоа дека има и многу после нас, како ли им е нив...Искрено и јас не очекувам некакво разрешување да има, некако многу долго се одолговлекува целата работа, барем да имавме одговор на некое прашање или нешто, вели Анжелика Колева, онколошки пациент.

Се уште во тек е вештачење на издвоените медицински документации, а стигнати се и дел од побараните документи од Косово, ни потврдија од Обвинителството. Но, оптимизам за брз епилог нема и кај две пациентки кои ЈОРМ ги вклучи во разгледување на материјалните докази.

Додека чекаат правда за сите, нивни соборци на Онкологија според наши информации се соочуваат со немање на соодветна терапија, која пак може од свој џеб да ја купат во некоја соседна земја. Опасност има и од недостиг на постоечите лекови по новогодишните празници. Разочараноста е дотаму што не само што нема епилог за скандалот, туку не се надминати и останатите пречки за болните. 

- Ниту еден од проблемите што ги имаат онколошките пациенти, само се зголемуваат. Со сите изјави што ги даваат и од Министерството за здравство и од Онкологија, ние веќе се плашиме дека од први јануари ќе има сериозен проблем со терапијата, а бројот на оние кои поради недостиг на терапија се соочуваат со компликации ќе се зголемува, вели Ана Марјановиќ, онколошки пациент.

Дека состојбата на клиниката не е сјајна и после празниците може да има недостиг на лекови потврди и директорката на Онкологија.

- Со оглед на сериозно големиот број на пациенти - кандидати за некои од лековите од биолошката терапија од една страна, и актуелниов период со долги административни процедури околу буџетите, за жал очекувани се периоди на недостаток на одредени лекови. Биолошката терапија која спаѓа во условниот надоместок со што е именувана како ограничено достапна терапија - за строго ограничен број на пациенти одобрен од ФЗОРСМ, но клиниката го надминува тој број со цел здравствена грижа подеднаква за сите. Тука е суштинскиот проблем и затоа има недостатоци. Се прават напори тие да траат што е можно пократко, вели Виолета Клисаровска, директор на Онкологија.

Кога немаат никаков абер од институциите кои треба да го решат проблемот, дружбата меѓу онколошките пациенти е она што им внесува светлина. 

- Ние сме си фамилија, стекнавме пријателства и другарства и сме сестри по дијагноза, вели Колева.

Освен разрешување на скандалот, пациентите очекуваат и дисперзија на Онкологија за сите болни да не доаѓаат во Скопје, но и многу повеќе пари, а не условен буџет за неопходната биолошка терапија.