Македонија
25. November 2022 - 16:39

Онишченко ќе купел банка во земјава - Владата не открива до каде е постапката за државјанството

Владата нема одговор кога контроверзниот Онишченко ќе остане без македонски пасош, иако и премиерот Ковачевски вчера во парламентот потврди дека е почната постапка за поништување на државјанството поради утврдени пропусти во безбедносната проценка на Украинецот.

Според Уставот, македонското државјанство не може да биде одземено, ниту државјанин да биде протеран од земјата. Но, согласно член 14 од Законот за државјнство решението може да биде поништено и тоа ако се утврди дека странецот при поднесувањето на барањето дал невистините или неточни информации, односно се користел со лажни исправи. Рокот за поништување, според Законот може да биде и неколку години, зависно од кривичното гонење за лажните исправи. 

Решението за државјанство на Онишченко го донесе македонската Влада.

Украинецот кој е на црната листа на САД и е проруски оринетиран тврди пак, дека нема ништо спорно во неговото државјанство. Напротив, вели контроверзниот Украинец имал план да инвестира во банка и да се занимава со спорт. Контакти со политичари од Македонија немал.

„Политичари во Македонија не познавам. За да имате добар коњички тим, потребна е инвестиција барем од 2 или 3 милиони евра. Значи, затоа, не ми е јасно зошто би морал да му платам на некого? А македонскиот пасош, не е подобар од мојот украински или германски. Федерацијата ме побара и јас прифатив. Не знам зошто сега толку комплицираат. Коњите се мои, јас спонзорирам. Целиот овој скандал е поттикнат затоа што мислат дека ќе влезам јас во Македонија и ќе им го земам бизнисот со гас. Кажете им дека само со спорт се занимавам“, тврди Онишченко за Слободен печат.

Во меѓувреме опозицијата не се откажува од одговорност на директорот на АНБ Виктор Димовски откако негови оперативци не ги направиле потребните безбедносни проценки за Онишечко. 

Од МВР велат дека истрагата за овој случај се уште трае.