Омикрон предизвика криза со недостаток на крв во светот - Кај нас има доволно резерви
Ковид го отежна крводарувањето во светот. Поради големиот број заразени со Омикрон периодов многу држави се соочуваат со недостиг на крв.
Неодамна српскиот Институт за трансфузија алармирааше дека имаат само еднодневни залихи. Во Хрватска многу мали се резервите со нулта крвна група. Во САД цела Пандемија мака мачат да соберат крв и затоа американските болници откажуваат операции.
Од македонскиот Институт за трансфузиона медицина велат дека кај нас донирањето крв е стабилно во текот на целата пандемија, располагаат со доволно резерви и секојдневно се организирале акции.
-Располагаме со околу 2000 единици еритроцитен концентрат од сите крвни групи распоредени по сите центри и служби. Доколку воопшто не се спроведуваат крводарителски акции имаме покритие за 10 до 14 дена, изјави д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина.
И покрај Ковид пандемијата директорот на Институтот вели дека минатата година биле собрани рекордни единици крв.
-Во 2021 година успеавме да собереме 50.960 единици крв што е воедно и рекорд во историјата на Институтот за трансфузиона медицина. Сакам да се заблагодарам на сите крводарители, промотори, организатори на крводарителски акции кои помагаа на ИТМ да го преброди овој период иако бројките покажуваат дека нема простор за паника, вели д-р Усеини.
Инаку граѓаните кои прележале Ковид може да даруваат крв 1 месец по оздравувањето, а вакцинираните од 48 часа до 28 дена по примената 2 доза во зависност од вакцината.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар