Македонија
17. November 2016 - 9:36

Омаж во чест на академикот Анте Поповски

Омаж по повод 85 - годишнината од раѓањето на современиот македонски поет, академикот Анте Поповски ќе се одржи вечер во х. Александар Палас.

Станува збор за мултимедијален настан кој ќе биде отворен со песна во интерпретација на самиот автор, а ќе биде проектиран и кус сегмент од документарниот филм - портрет на авторот, реализиран од МТВ.

За творештвото на Анте Поповски ќе беседат проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Венко Андоновски, по што ќе биде прочитан и избор од неговата поезија.

На долгогодишните заемни релации, соработката и пријателството со поетот, пред присутните ќе се потсетат Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и поранешен амбасадор на Република Македонија во Грција и во Романија, доајенот на македонското новинарство, Ерол Ризаов и Страшо Ангеловски, директор на „Прифатниот центар за баратели на азил“.

Хуманистот Живко Поповски Цветин, во чест на поетот ќе има ликовен перформанс.

Во рамките на одбележувањето на јубилејната годишнина од раѓањето на Поповски, досега се одржаа неколку настани.

Во март 2016 година беше издаден и промовиран избор од неговата поезија на бугарски јазик под наслов „Свезден корен“. Во мај се одржа чествување на поетот во Друштвото на писателите на Македонија при што беа промовирани негови книги со есеи. Во рамките на „Охридско лето“ се случи проекција на играниот филм „Планината на гневот“, работен по сценарио на Анте Поповски, додека ликовниот уметник Живко Поповски Цветин имаше ликовен хепениг во родното село на поетот- Лазарополе. Во чест на поетот, во октомври годинава во Струмица исто така се одржа Омаж и рецитал.