Македонија
3. April 2020 - 16:40

Одреден притвор за насилниците од Штип

По осум дена притвор добија двајцата штипјани откако вчера на социјалните мрежи беше објавено видео на кое може да се види како крвнички тепаат девојка.
Двете лица на возраст од 23 и 26 години штипското обвинителство ќе ги гони за кривично дело насилство за кое законот предвидува максимална законска казна од 5 години.
Насилниците пред јавен обвинител раскажале како го сториле делото. Откриле дека снимката е направена на почетокот од годинава.

„Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството“, се вели во известувањето од обвинителството.

21 годишната девојка во полициска станица ги препознала насилниците. Открила дека од нападот се здобила и со телесни повреди.
Се уште нема официјални информации за причините поради кои дошло до насилството. Веќе два дена јавноста бурно реагира на социјалните мрежи и бара најстроги санкции за ваков вид на насилство.