Македонија
14. May 2020 - 12:40

Одлуката за патување на функционери, е само за состаноци за регионално координирање на мерките

Одлуката да се дозволи посета на функционери на соседните земји, не значи да се дозволи кој било функционер да може да патува, туку таа се однесува само за регионални состаноци за координирање активности и мерки во однос на олабавувањето на мерките, појасни денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Појасни дека не станува збор за ништо друго, освен за организирани состаноци со причина да се координираат токму овие активности во однос на олабавувањето на мерките, а за што треба регионален пристап.

– Сите посети се одвиваат согласно протоколот, кој што за такви посети го донесе и Комисијата за заразни болести. Не станува збор да се дозволи на кој било функционери да може да патуваат, туку само за вакви состаноци заради што веќе се најавени средби со ваков повод, изјави Филипче.

Европската комисија, рече Филипче, вчера излезе со пакет мерки за патување во ЕУ и согласно препораките за координирано делување денеска ќе заминам на состанок со министерот за здравство на Грција.

– На средбата ќе размениме искуства за досегашното менаџирање на кризата, кои треба да помогнат во понатамошната битка со вирусот. Подготовките на здравствениот систем за следниот период кога се очекуваат нови пикови, и најбитно од се, за координација во однос на отворање на границите и аеродромите, изјави Филипче.

Во однос на започнатата координација со министрите за здравство од соседните земји за патување, Филипче, рече дека по тоа прашање постојат различни ставови и национални политики, кои е потребно да се координираат.

– Од една страна некои земји бараат тестирање пред патување, други најавија дека нема да бараат. Ние за таа цел посебно, имајќи предвид дека може да бидеме многу оптеретени со патници кои транзитираат, но и наши граѓани кои сакаат да патуваат, вклучително и странци, во таа смисла ќе размислуваме и за алтернатива за карантините, доколку се одлучи на таква работа, изјави Филипче.

Времето кога тоа ќе започне, посочи тој, ќе произлезе токму од овие состаноци.

– Да имаме барем на ниво на регионот еден унифициран пристап, за да нема збрка и да не се бара една работа во една држава, па за друга во транзит нешто сосема друго, или на крајната дестинација повторно некое трето барање. Во таа смисла се координативните состаноци и верувам дека повеќе информации ќе имаме во текот на следната недела, изјави Филипче.