Македонија
27. јуни 2017 - 13:27

Одложено судењето за предметот „Поткуп“

Судењето за предметот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев денеска е одложено за 27 септември. На рочиштето во основниот суд Скопје 1 одбраната на Заев побара изземање на снимките од Посебните истражни мерки објавени на Ју тјуб.

Во „Поткуп“ Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, во вредност од 160 илјади евра за градежно земјиште во Струмица.

По присуството на рочиштето Заев изјави дека неговата намера е целосно почитување на судот и судските решенија и одлуки, како и дека се надева оти ќе се работи брзо и ќе се донесат одлуки, за, како што истакна, на крајот и јас како и сите граѓани, да ја дочекам правдата.

Со одбраната, како што рече, размислувале дали да ја објават целосната снимка за да се дознае целата содржина или да бараат нејзино изземање како доказ, по што се одлучиле да ја искористат втората можност што им ја дозволува законот.

- Правно - формалното дејствие започна со барањето од моите адвокати за употребливоста на посебните истражни мерки од аспект што тие се тие објавени. Согласно закон, посебно истражна мерка којашто е јавно објавена не се употребува како доказ. Бевме на двоумица дали таа снимка да ја презентираме јавно во целовитост, за да се дознае во суштина самиот предмет или да бараме нејзино изземање заради тоа што законот тоа го дава. Сепак, одлучивме да ги користиме сите законски можности и Судот ќе донесе решение согласно барањето на адвокатите. Буквално ние сме на двете страни. Како и да одлучи Судот, така и ќе ги користиме нашите права, изјави Заев.

Истакна дека тој лично како обвинето лице очекува и сака таа снимка да излезе во јавноста и, како што рече, да се види целовитоста на дејствието коешто се случувало и рече дека ниту имал намера, ниту се случил каков било поткуп. - Но, истовремено, согласно правото и она што Законот го овозможува, недозволиво е да се заобиколи тој дел од Законот, а вакви посебни истражни мерки коишто судот и претходно одлучувал да бидат изземени како докази во постапката и од таа можност заедно со мојот правен тим донесовме одлука, денеска да го побараме тоа законско право коешто ни следува. Секако штом судот ќе се изјасни веднаш продолжуваат следните дејствија каде што очекувам правда, рече Заев. 
 
Прашан дали очекува Обвинителството да истражи од каде излегле снимките рече дека 2,5 години Обвинителството го истражува тоа.

- Се знае по закон дека постои само една снимка, не може да постојат две, дека должен и за нејзино чување, управување и процесуирање понатаму е само јавниот обвинител и веднаш истата снимка се појавува на јутјуб. Не треба да се биде посебен експерт или посебен стручњак во оваа област да се знае дали е истата снимка или не е. Истата снимка е, таа е снимката што се појави. Проблемот е што два пати е делена, сечена директно.  За да се покаже комплетното дејствие требало ако се објавува барем цела да ја објави. Барем ако не друго, јавноста да ја знае целата вистина. Така што масакрирањето на самата снимка ја покажува целата грдосија на настан којшто сакаат да се прикаже во јавноста и тоа комплетно да се направи мое оцрнување, масакрирање и судење јавно за денеска да се изгуби дури и можноста на Јавното обвинителство таквиот доказ да го употреби во постапката. Тие биле многу свесни дека објавувајќи ја оваа снимка го губат како доказ во постапката. Но, сепак, заради јавниот масакр и политичко судење кое требало да се случи со Заев, тие се осудиле на ваков случај, изјави Заев.

Но, додаде, јас сум само една страна од постапката. Судот е тој којшто ќе носи одлуки, мојата намера е целосно почитување на судот и судските решенија, како и судските одлуки. Се надевам дека брзо ќе се работи, ќе се донесат судски одлуки, за на крајот и јас како и сите граѓани, да ја дочекам правдата за мене, рече Заев. 

Прашан до каде е постапката за кривичната пријава до Николов Сачевалиев, Заев рече дека тоа, според адвокатите,  процесуирано пред Специјалното јавно обвинителство. - Поднесени се други пријави против обвинителот заради објавувањето и чекаме резултат од таквите пријави, рече Заев. 

Ново на Сител