Македонија
20. December 2017 - 16:29

Одложено рочиштето за Талевски во Битола

Во Основниот суд во Битола денес требаше да започне судењето во кое поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески е обвинет дека не ги презел сите законски можности и не спречил Офицерскиот дом да се претвори во руина.

Расправата беше одложена откако адвокатот на Талески, Драги Пажиќ, побара судењето да се снима, а во судницата не постоеше таква можност.

Според обвинителката Оливера Нечаковска барањата на одбраната на Талески се злоупотреба на процесните права и обид за одолговлекување на постапката.

Таа го потсети адвокатот на Талески дека при увидот во доказите на ОЈО, тој не побарал нивни фотокопии како што побара денес во судницата, го прекори што во ниту еден друг судски спор истиот адвокат не побарал тонско снимање на судењето и го отфрли ЦД-то што како доказ беше приложено заради немање гаранција дека материјалот не бил манипулиран.

Инаку, освен обвинетиот Талески, на денешното судење се појавија и петте сведоци кои ги предлага Обвинителството.

И тие, како и обвинетиот Талески ќе треба да се појават на судењето што судијката Татјана Петровска го одложи за 19 февруари, во една од двете судници во Основниот суд во Битола каде има можност за тонско снимање на расправата.