Македонија
8. August 2019 - 8:41

Оддадена почит за десетте загинати бранители кај Карпалак во 2001

Со полагање цвеќиња пред споменикот на 10-те загинати на Карпалак во прилепската касарна „Мирче Ацев“ и со почит за загинатите бранители почна одбележувањето на 18-годишнината од масакрот кај месноста Карпалак. На патот Скопје-Тетово, на 8 август 2001-та во заседа загинаа 10 прилепски воени резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Почит им оддадоа делегација на касарната, владина делегација, на прилепската локална самоуправа, семејствата на загинатите бранители, на здруженија, институции, на политички партии.

– Споменот никогаш нема да згасне, а жртвата на 10-те херојски бранители ќе ја паметат генерации војници за пример како се брани татковината, нагласи во своето обраќање пред присутните потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на прилепскиот гарнизон.

Тој упати порака до семејствата на загинатите – „бидете горди на овие херои кои без размислување и двоумење решија да го бранат ова парче таткова земја. Тоа што го направија ќе одекнува низ вековите пред нас“.

Преживеаниот од масакрот, Ацо Јованоски, возач на автобусот од конвојот вели дека непреболот останува, но не се реализирани ветувањата.

– И денеска, како и секоја година по 18-ти пат се собравме овде во прилепската касарна да им оддадеме почит на нашите прилепски херои – бранители кои го положија својот живот на браникот на татковината на Карпалак на 8 август 2001-та во 9:30 часот. Непреболот останува, сеќавањата се свежи како да се од вчера. Имавме многу барања, но од тие се нема реализирано ништо. Секогаш кога одам на местото на настанот, сум барал спомени. Но, се е далеку од вистината и реализацијата на дело, изјави Јованоски.

Игор Петрески од Здружението „Карпалак“ напомена дека имаат барања кои во целост не се реализирани, меѓу кои да се изгради споменик на местото на настанот.

– Нашите барања се исти: да се озаконат правата за бранителите, да се изгради споменик на месноста Карпалак. Повеќе права бараме од социјала, од образование. Имаме доставено барања од сите сфери, но малку се остварени. Се сменија многу влади со многу ветувања, рече Петрески.

Стојанче Ангелов, национален координатор на воените и полициски ветерани нагласи дека Владата е подготовена во рамки на законските акти поединечно да помогне.

 

– Како држава треба вечно да го чуваме споменот на 10-те загинати прилепчани кои застанаа да ја бранат државата.  Да се грижиме за нивните семејства, да помагаме секаде каде што можеме. Да се грижиме и за семејствата на воените инвалиди, но и за сите бранители. Во 2008 година, тогаш Здружението „Достоинство“ собра 35.000 потписи како граѓанска иницијатива и достави предлог-закон за бранители во Собранието. За жал, тогашната власт и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, не го изгласаа овој закон. 18 години подоцна е илузорно да се очекува менување на нов закон за бранители во Собранието бидејќи тој обид еднаш пропадна, но како Влада, во секој единечен случај каде има простор, во согласност со македонските закони, ние стоиме на располагање, изјави Ангелов. Тој апелира до армиското раководство во следниот период да ги отвори овие случаи за, како што рече, да се утврди, не би рекол вина во кривично-правен аспект, туку морална вина од воен аспект.

 

Присутните ја посетија Спомен-собата во касарната каде се спомените на 10-те загинати бранители. Вечерва беше посетен споменикот во прилепското село Лениште, посветен на трагично загинатите бранители и се служеше вечерна литургија во манастирот „Света Петка“ во селото.

Делегации утре ќе положат цвеќе на спомен-обележјето. Во Прилеп и во населените места од 7:30 часот ќе се положат цвежиња и ќе им биде оддадена почит на загинатите на нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места. Во 10 часот ќе се одржи панихида за загинатите во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила, а од 13 часот е централното одбележување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.