Македонија
1. September 2021 - 13:06

Одбраната на Камчев до АНБ: Наместо да бркате „кртови” дадете образложение за скандалот кој го направивте

Наместо Агенцијата за национална безбедност (АНБ) да брка „кртови“ кои ја обелодениле службената белешка, што веројатно не им оди во прилог поради неиздржаноста и тенденциозната провидност на нејзината содржина, нека даде образложение и одговор за овој скандал врз основ на кој бизнисменот Јордан Камчев веќе шест месеци е киднапиран и држен во притвор, реагира одбраната на Камчев откако вчера Агенцијата брифираше дека случајот е чист, дека сѐ е документирано и дека е постапено согласно овластувањата на АНБ.

„Сѐ е документирано“, велат од АНБ и појаснуваат дека целосната документација за случајот веќе била презентирана и пред собраниската комисија, која немала никакви забелешки.

Одбраната на Камчев прашува дали АНБ велејќи дека постапува по своите три основни надлежности: спротивставување на разузнавачки активности на други држави на територијата на Северна Македонија, спротивставување на тероризам и насилен екстремизам во земјава и собирање релевантни информации за евентуално загрозување на виталните економски интереси на државава, потврдува дека г-динот Јордан Камчев бил цел на обработка поради тоа што претставувал опасност за националната безбедност или можеби бил осомничен за тероризам?

„Ако бил чист случајот зошто службената белешка не беше презентирана на ниеден од адвокатите од одбраната на Јордан Камчев кои според законот на АНБ поседуваа и презентираа безбедносни сертификати што им даваат целосно право да имаат увид во овој тип на службени белешки? Наместо тоа киднапираа бизнисмен врз база на усни информации, нашкртани на службена белешка потпишана од страна на директорот. Ако немала забелешка собраниската комисија на работењето на АНБ во овој дел, зошто и самата комисија го премолче записникот од седницата и заклучоците од неа? Дали и пратениците потклекнаа на методите на тајната служба?“, прашува одбраната на Камчев.

Одбраната бара објаснување и за тоа зошто ако бил толку чист случајот со службената белешка, како што тврди АНБ, судиите кои ја оценуваа и продолжуваа мерката притвор ја тргнаа оваа службена белешка како основ за продолжување на мерката притвор откако на социјалните мрежи протече содржината на фамозната службена белешка.

Извори од Агенцијата вчера информираа дека се гонат лицата кои биле инволвирани во објавувањето на документот кој се смета за класифициран.

Честитајќи го двегодишното постоење на Агенцијата за национална безбедност, одбраната на Камчев, нагласува дека се надева дека АНБ во иднина во целост професионално ќе ги извршува своите надлежности, дека нема да ја злоупотребува тајната служба за флагрантни злоупотреби и директно кршење на основните човекови права и слободи за што сведочи случајот со Јордан Камчев.

Информацијата која ја подготви АНБ за опасноста од бегство на Камчев, кој е обвинет во случајот „Плацови на Водно“, доведе до негово апсење и одредување мерка притвор каде се наоѓа од 14 март годинава. Службената белешка протече во јавноста и беше објавена на социјалните мрежи. Од АНБ не откриваат дали до информацијата за потенцијално бегство на Камчев дошле следејќи го него или некого од неговото опкружување.