Македонија
8. August 2019 - 19:28

Одбележани 18 години од „Карпалак“

И по 18 години од трагичниот настан кај месноста Карпалак кога од страна на терористите беа убиени 10 мина прилепчани нема изградено споменик, ниту пак во целост се исполнети барањата на бранителите. Ова го истакнаа учесниците во овој немил настан на одбележувањето на оваа трагедија во Прилеп. Бранителите велат дека за 18 години ниту една Влада немала слух за нив.

„Имавме поставено многу барања, а од тие барања ништо се нема реализирано. Само празни ветувања“, истакна Ацо Јованоски, возач на запалениот автобус кај Карпалак

„Се сменија многу Влади, но после 18 години некако е залудно да се зборува за тоа. Нема слух никој досега“, кажа Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“.

Иако поминаа скоро 2 децении досега не беше обелоденета вистината за Карпалак, зошто се случи оваа трагедија и дали некој има одговорност во целата ситуација. Националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов, истакна дека одговорност требало да се бара до тогашното раководство на АРМ.

„Во состојба на војна да упатите војници на место каде што се војува со автобуси и минибуси е неодговорно“, изјави националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов.

Почит пред споменикот на бранителите во Прилеп денеска оддаде министерката за одбрана Радмила Шекеринска, претставници од семејствата на загинатите, кабинетот на претседателот, армијата, генералштабот, здруженија на граѓани и политички партии.

„Денес како никогаш досега оваа нивна жртва, оваа нивна саможртва, покажува колку на сите нас треба да ни бидат важни мирот и стабилноста. Дека ништо нема цена ако не успееме да донесеме стабилност и безбедност на сите наши граѓани“, истакна Радмила Шекеринска, министерка за одбрана.

„Оваа колективна жртва на Прилеп од 2001 година нека биде опомена, а исто така и порака со дијалог, во мир и слобода, да се решаваат сите отворени прашања“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп

Вчера пак почит кон прилепските херои беше оддадена пред нивниот споменик во касарната „Мирче Ацев“ и пред спомен обележјето во манастирот Света Петка кај село Лениште.