Македонија
23. July 2019 - 12:07

Одбележана годишнината од големиот пожар над Струмица во кој загинаа четири лица

Со полагање цвеќе пред споменикот на загинатите струмичани од големиот пожар кој избувна над Струмица и притоа загинаа четири лица, а десетина беа повредени, беше одбележана седум годишнината од овој трагичен настан.

Во пожарот животите ги загубија браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од село Рич, Војо Гркљанов од село Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица.

Пред присутните граѓани и членови на семејствата на загинатите зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

-Храброста и беспоштедната борба со пламените јазици, за жал, беше платена со четири жртви и десетина повредени. Се случи трагедијата каква што нашиот град не памети. Имињата на загинатите ќе останат засекогаш врежани во нашите тажни сеќавања, како симбол на човековата храброст. Тие, и покрај прераното заминување од овој свет, остануваат бесмртни во струмичкиот споменар, рече градоначалникот Јаневски.

Во чест на загинатите Општина Струмица подигна споменик, дело на рускиот скулптор Глигориј Потоцки.

Одбележувањето на седумгодишнината од големиот пожар над Струмица продолжува попладне со положување цвеќе на местото на пожарот, кај месноста „Двата Пата“.