Македонија
8. April 2021 - 12:27

Одбележан Меѓународниот ден на Ромите

 

Ако претходно секој Осми Април беше одбележан со песни и игри на плоштадот Магнолија во Битола, последните две години Денот на Ромите се прославува симболично. 

-Нам Ромите ни недостигаат песната и музиката, затоа што ние со тоа се храниме.

На овој ден, испратија порака за меѓусебно почитување и разбирање. 

-Она што е најбитно за нас како граѓани на оваа држава е да ни живее единствената татковина, Република Македонија. Република Македонија можеби за некој е кратка, мала, но за нас граѓаните од ромска националност е многу слатка, затоа што има место за сите нас. За оние кои не го прават тоа, да продолжат да си ја сакаат татковината. Мора да ги раскинеме синџирите на незнаењето, на омразата, сите да се почитуваме, да си помагаме, да се разбираме затоа што така само може да и помогнеме на Република Македонија. Не смееме ние луѓето, сообено ние Ромите да се делиме, по боја, вера, националност, не смееме да се делиме на која владина или невладина припаѓаме, рече Џевдет Џелоски, Ромска ѕвезда Битола.

Заради пандемијата, традиционалната прослава изостана и во Гостивар. Советникот во гостиварскиот совет од Демократските сили на Ромите, Кашмир Салиу истакна дека Ромите важат за едни од најлојалните граѓани на оваа држава, но третманот не соодветствува со она што тие го даваат.

„Ако се направи една анализа се добива впечаток, дека во оваа држава постојат само две нации, со голема почит, македонската и алабанската. Ние денес немаме ниту еден Ром поставен во институциите кои дирекно влијаат за подобрување на животот на Ромите. Кога има седница на Влада, нема ниту еден министер Ром. За ниту еден заклучок што ќе приозлезе од Влада ние не можеме да добиеме информација. Ромите постојано ги следеа „епитети“ дека лажат и крадат, но реалноста е дека токму Ромите се тие кои се излажани и искрадени. Сите пари кои се наменети за Ромите на централно и на локално ниво во некои општини се злоупотребени. Барам обединување на сите Роми, проект кој го почнав заедно со мојот тим, со цел да се постигне рамноправност и еднаков третман“, изјави КАШМИР САЛИУ, СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ГОСТИВАР.

Оваа година се одбележуваат 50 години од првиот Ромски конгрес во Лондон и оттогаш Осми април во светот се слави како денот на Ромите.