Македонија
21. јуни 2019 - 15:39

Одбележан Денот на Охридското Езеро

 Трите града што лежат на брегот на Охридското Езеро, Охрид и Струга од Северна Македонија, како и Поградец од Република Македонија, со заедничка програма денеска го одбележаа 21 јуни – Денот на Охридското Езеро.

Централната прослава годинава  се одржа на градското пристаниште во Охрид каде се обратија градоначалниците на Охрид и Поградец, Константин Георгиески и Едуард Капри,  и претседателот на Советот на општина Струга, Албрим Положани.

Како што истакна  охридскиот градоначалник Константин Георгиески, со одбележувањето на Денот на Охридското Езеро, денес, како и во текот на годините наназад, се упатува порака дека заеднички ќе се интензивираат активностите за негова заштита како светско природно богатство.

– Во езерото за кое научниците тврдат дека е старо околу три милиони години има ендемични видови на животински и растителен свет, богатство што не е само наше, туку планетарна природна ризница и природна реткост. Токму затоа сериозно треба да ги прифатиме и реализираме забелешките на меѓународните институции и организации особено на УНЕСКО и да почнеме со примена на сите нови практики кои ќе ни овозможат заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и на регионот, рече Георгиески.

Тој потсети дека општините Охрид и Струга со помош на Владата на Република Северна Македонија напаравиле голем исчекор околу функционирањето на колекторскиот систем.

– Поради високите трошоци за одржување и итната потреба за реконструкција на колекторскиот систем, наместо општините, државата преку формирање на државното јавно претпријатие „Колекторски систем“ ќе ја прифати таа обврска, додаде охридскиот градоначалник Георгиески.

Првиот човек на Општина Поградец, Едуард Капри, рече дека на албанска страна и досега се преземени мерки за заштита на езерото, притоа посочувајќи ги активностите за заштита од  отпадни води и за подобрување на мрежната канализација.

– Општина Поградец, исто како и Охрид, спроведува активности за зачувување и заштита на Охридското Езеро кое е под заштита на УНЕСКО. Работиме на  подигнување на стандардите, со цел, и албанската страна да биде ставена под заштита на оваа меѓународна организација, рече Капри.

Во името на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, се обрати претседателот на Советот на општината Албрим Положани. кој истакна дека општината постојано се залага за спроведување проекти кои  ќе го зачуваат езерото и , како што нагласи, и натаму ќе продолжи соработката со општините Охрид и Поградец со цел да се заштити и зачува овој природен басен.

Одбележувањето на Денот на Охридското Езеро беше збогатен со културно-уметничка програма во чии рамки настапиа најмладите од детската градинка „Јасна Ристевска“ од Охрид, ученици од Основното училиште „Братство“ и фолклорни групи. Беше отворена и изложба на подводни фотографии од охридскиот нуркачки центар „Акватек“ , а активистите и волонтерите на Црвениот крст Охрид ја презентираа нуркачка опрема, како и опрема за спасување на вода и планини.

Свеченоста по повод Денот на езерото беше збогатена и со дефиле на едриличарските и кајакарските клубови, како и останатите клубови што се занимаваат со спортови на вода.

Денот на Охридското Езеро како манифестација го слави потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу трите општини, парафиран во февруари 2000 година и оттогаш секоја година се одржува наизменично во трите града. На 21 јуни 2002 година тогашните градоначалници на Охрид и Поградец, Никола Наумов и Мангалина Цане потпишаа и Повелба за збратимување на двете општини со што се обврзаа на заедничка соработка и реализација на проекти од регионален карактер, со посебен нагласок дека заштитата на Охридското Езеро ќе има највисок приоритет