Бизнис
15. March 2023 - 16:38

Од утре замрзнати цени на млечни производи и тестенини, следни се овошјето и зеленчукот

 Трговците и производителите чекаат „5 до 12“ за да ги поевтинат тестенините и млечните производи. Од утре стапува на сила одлуката за замрзнати цени, откако Владата им даде рок од една недела самите да направат корекција.

Вицепремиерот Битиќи се надева дека од утре ќе види нови цени на рафтовите. Смета дека ако цените на суровините паѓаат, а цените на производите останат исти, ќе мора да се замрзнат цените и на други производи, како овошјето и зеленчукот.

„Ако производителите и трговците не реагираат, пораката е јасна: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните. Очигледно така сме навикнати во нашето општетство, секогаш е последниот ден, дури и ако е за добра работа чекаме последен ден. Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме.“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за европски прашања

Замрзнатите цени на млечните производи носат ризик откупувачите да побараат пониска откупна цена од производителите на млеко. Министерот за земјоделие вели дека во нивна надлежност е само преку субвенции да им ги намалат трошоците за производство.

„Владата носи одлуки на предлог на министерството за економија ако има одредени осцилации и проблеми во однос на цената како што досега секогаш интервенираше, вклучително и последните одлуки кои се донесоа. Нашата обврска е да интервенираме, да ги намалиме трошоците коишто ги имаат земјоделците при производството на храна и да го задржиме и зголемиме домашното производство. И во тоа успеваме.“- Љупчо Николовски, министер за земјоделство

Од утре тестенините поевтинуваат за 15%, а млечните производи за 10 отсто. Тоа значи дека макароните кои на први овој месец чинеа 49 денари, од утре ќе треба да се продаваат за 41 денар. Млекото, пак, кое се купува за 76 денари, од утре треба да бидe 68. Опфатени се и урдата, кравјиот кашкавал, киселото млеко и јогуртот.

Ова е второ замрзнување на цените годинава. Прв на листата беше белиот и полубелиот леб на 33 денари. Од основните производи, незамрзнати останаа уште цените на шеќерот, јајцата и оризот за кои Владата потврди дека се прават анализи.