Од утре почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025
Министерството за образование и наука денеска објави Повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година и ги повика студентите што ги исполнуваат условите да се пријават.
Студентите што ќе аплицираат треба да се државјани на Република Северна Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.
Пријавувањето е електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ каде што кандидатите треба да ги прикачат пополнети и потпишани обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк (достапни за преземање во објавениот повик). Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“.
Рокот за пријавување е од 15 август до 5 септември и важи за тековните студенти и за студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2024/2025 година.
-Исто така, од 1 до 5-ти во месецот за секој месец од академската 2024/2025 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик, наведува Министерството за образование и наука во објавата на својата веб-страница.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во дневен износ од 140 денари што студентот ја добива од МОН за купување храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку во тие денови не го искористат, износот од субвенционираниот студентски оброк им е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота.
Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и во неработни денови.
Исплатите за субвенциониран студентски оброк се реализираат преку наменски картички на Шпаркасе банка АД Скопје со која МОН минатата година склучи договор. Студентите кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со оваа банка за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци.
Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран студентски оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка АД Скопје. Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне картичката нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин. Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од Министерството и Шпаркасе банка.
Министерството го испишува лицето од евиденцијата на корисници на субвенциониран студентски оброк кога ќе утврди дека повеќе не ги исполнува условите за користење на ова право. Посочува и дека по службена должност ги обезбедува доказите од надлежните институции (МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите) кои се однесуваат на условите за пријавување за остварување на правото на субвенциониран оброк за секој кандидат поединечно.
За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард, на контактот: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.
Исто така, за да им помогне на студентите, МОН во објавениот повик постави и видео за начинот на аплицирање.
Ново на Сител
-
Сакал да пренесе сопатник без документи преку граница - Уапсен маж на ГП Богородица
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион