Македонија
12. February 2024 - 16:34

Од утре ако немате „НМК“ на возилото, нема да може да ја напуштите Македонија

Гужви и колони возила пред станиците за технички преглед. Налепниците НМК стигнаа, но не секаде. Сител направи обиколка на повеќе станици. Онаму каде што имаше налепници, процедурата оди брзо. Се пополнува барање, а треба да се поднесе и сообраќајна и возачка дозвола. Потоа надлежните службеници ја лепат налепницата врз регистрацијата. Мора да се оди лично. За друг не може да земете налепница.

Дел од граѓаните со кои разговаравме се збунети и не знаеја дали ќе добијат налепница со НМК ако имаат сообраќајна дозвола или возачка без „северна“. 

Некои од станиците кои ги посетивме, пак, уште на влезната врата имаа стакнато натпис „налепници нема“ за граѓаните да не чекаат џабе. Вработените таму ни рекоа дека ќе стигнат во текот на денот, но не знаеја колку парчиња.

Дел од станиците, пак, воопшто и не знаат дали ќе добијат.

Контактиравме станици и во другите градови. Некаде налепниците се веќе потрошени оти добиле едвај стотина. Не знаат кога и дали воопшто ќе им испорачаат нова тура.
Затечени се и такси превозниците.

„Ние како такси групација на Град Скопје сме затечени од ваквите притискања. За многу краток период да се направат промени на одредени документи и ставање на налепници. Треба да сноснат одговорност сите оние кои последните пет години дозволиле да се издаваат по старо документи кои се уште се важечки и сега не ставаат пред свршен чин. Воопшто не ни беше кажано на време, ако веќе знаеле пет години, сега за 2-3 дена не може ништо да се направи“ – Сашо Рајчановски, претседател на групација на авто-такси превозници на Град Скопје.

Рајчановски вели и од утре ќе има редовен такси-превоз. Се надева дека никој нема да биде казнет.

„Ние сакаме да ги смениме, ама не можеме. Како? Како за толку кратко време? Мора да функционираме, не можеме ние да се затвориме, што е сега ова? Бевме затворени за време на ковидот, сега пак ли да се затвораме? Доколку одредени таксисти кои не успеале да сменат се, бидат спречени, тогаш ќе реагираме. Тогаш ќе кажеме на каков начин ќе реагираме. Сепак, се надеваме и веруваме, полицајците се наши, не се грчки па да бараат тоа и тоа и стриктно да казнуваат за туѓи интереси“ - Сашо Рајчановски, претседател на групација на авто-такси превозници на Град Скопје.

Од утре, граѓаните кои немаат ознака НМК на регистарските таблички нема да може да ја напуштат државата.