Бизнис
27. August 2015 - 16:13

Од среда повторно караван на проектот „Купи куќа - Купи стан“

Над 630 семејства дошле до сопствен дом преку прокетот Купи куќа, купи стан. За подигнати кредити во вредност од 21,4 милиони евра, државата одобри субвенции во висина од 4 милиони евра. Над 70 проценти од купените станови преку владиниот проект се во Скопје. За таа цел од идната недела продолжува караванот низ внатрешноста на земјава. Прв град кој во среда ќе го посетат тимовите на МФ ќе биде Штип.

„Целта ќе ни биде да одиме во оние места каде претходно не сме поминале, а тоа се пред се Тетово, Струмица, Куманово, Велес и неколку други градови, но ќе ги посетиме по вторпат и Охрид, Прилеп и други места каде постоеше добар интерес за проектот. Целта на проектот е да се доближиме до граѓаните во внатрешноста на државата и да им овозможиме на едно место да ги добијат сите информации“, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Купи куќа, купи стан нуди поволности за сите оние кои не го решиле станбеното прашање. Двата модели половина рата или учество се наменети да помогнат на граѓаните во првите години од купувањето дом и задолжувањето со кредит.

„Проектот „Купи куќа, купи стан“ е наменет за граѓаните кои имаат приходи, но тие не им се доволни во првите неколку години за да ја отплаќаат ратата за стан или да платат учество за добивање кредит за изградба на куќа. Во тој дел помагаме со субвенции. На пример, ако граѓанинот сака да купи стан и аплицира во банка за кредит од 30 илјади евра, тогаш месечната рата би била околу 184 евра, а со проектот „Купи куќа, купи стан“ 92 евра ќе плаќа државата, а 92 евра граѓанинот. Тој додаде дека субвенциите за куќа се поголеми, односно ако некој сака да гради куќа тогаш може да добие од 10 до 15 илјади евра поддршка од државата“, вели вицепремиерот Ставрески.

Освен што овозможи голем број семесјтва да дојдат до сопествен дом, проeктот Купи куќа, купи стан имаше силно влијание и на падот на каматите на кредитите. Од над 8% во 2010 година, каматите годинава паднаа на 3% за станбените кредити.

За проeктот Купи куќа, купи стан, може да се аплицира до крајот на оваа година.