Од следното лето коридорот 10 ќе биде целосно обновен
Во 2017 Коридорот 10 ќе биде комплетно модернизиран. Најфреквентниот автопат од Табановце до Гевгелија кој најмногу го користат и граѓаните и компаниите, полека но сигурно добива нов лик. Дел од автопатот се реконструира, дел се гради, а одделни делници се веќе завршени. Од Владата информираат дека наскоро ќе се почне и со реконструкцијата на потегот Неготино-Демир Капија.
-Може да информираме дека за автопатската делница Неготино-Демир Капија веќе е избран изведувач на градежните работи за реконструкција на 16км од оваа траса на потегот на најоштетените делови со инвестициска вредност од 4,2 милиони евра. Се очекува по комплетирањето на сите процесни претпоставки во јули да се отпочне и со градежните работи за реконструкција на оваа делница, информираше владиниот портпарол Ѓорѓиев.
Во полн ек е и градбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица за која се инвестирани 210 милиони евра. Државата пред неколку години го изгради кракот од овој автопат на потегот кај Табановце.
Тече и реконструкцијата и проширувањето на делницата Смоквица-Гевгелија. Над 20 % од градежните активности на овој потег се завршени и се очекува да биде готов до крајот на годинава. Се реконструира и автопатот Куманово Скопје кој се очекува да биде целосно завршен за 15 месеци.
Изминатиов период тремелно беше реконструирана и делницата Скопје-Велес во двата правци, со целосна реконструкција на мостовите.
Државата покрај инвестициите на автопатот на Коридорот 10 инвестира и во изградбата на двата други автопати. Автопатот Кичево-Охрид за кој се инвестираат 374 милиони евра се очекува да биде готов во 2018. Додека автопатската делница Миладиновци-Штип за која се инвестираат 206 милиони евра се очекува да биде завршена за една година.
-

Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар
