Бизнис
31. July 2019 - 17:15

Од Скопје директно ќе се лета и за Финска и за Кипар

Нискобуџетската Виз Ер воведе три нови рути за летање од македонските аеродроми. Од сега од скопскиот аеродром ќе се лета до Турку во Финска и Ларнака во Кипар, а германски Меминген е новата дестинација што се воспоставува од охридскиот аеродром. Унгарската авиокомпанија го постави и нивниот петти авион во базата на аеродромот во Скопје.

“Денешната прослава по повод започнувањето на новите рути до Турку и Ларнака од аеродромот во Скопје е уште еден доказ за нашата посветеност како оператор на аеродромите, вистински да го развие аеродромското и авијациското оперирање во нашата земја. Ова е само уште еден силен индикатор дека авијацискиот пазар во Северна Македонија расте и дека со секоја нова дестинација нашите патниците се еден чекор поблиску до Европа и до светот, бидејќи ја имаат шансата да патуваат по прифатливи цени”, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Вклучувајќи ги новите дестинации, Виз Ер од двата македонски аеродроми нуди летови до вкупно 38 градови во 16 европски држави.

“Виз Ер постојано ја следи побарувачката на потрошувачите на Северна Македонија за нови рути со нови летови по ниски цени и одговара на истата, така што нуди шанси на патниците за одлично, патувачко искуство”, изјави Паулина Госк, корпорајтивен менаџер за комуникации на Виз Ер.

Воведувањето нови авиолинии од аеродромите во земјава се обврска на нискобуџетската Виз Ер што произлегува од договорот за субвенционирање, според кој за период од три години компанијата ќе добие државна помош од 5 милиони евра.