Македонија
28. May 2024 - 18:30

Од рапер до претседател на Собрание - Кој е Африм Гаши?

Од празни џебови до полна политичка кариеа - Кој е Африм Гаши- несудениот рапер кој стана претседател на Собранието на Македонија? 

Кога ќе отворите на јутуб каналот на Африм Гаши, едно од првите видеа кое е прикачено на официјалниот канал е песна во рап изведба на Гаши со бендот “Празни џебови”. 

Можеби празни беа џебовите во младоста, пред Гаши да одлучи од музичар да влезе во политичките води. 

На негови 30 години, во 2007 година дипломира на правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово. 14 години подоцна, Гаши решава да се закити и со титулата магистер за политика, па во 2021 година, магистрира политички науки на Институтот за правни, социолошки и политички студии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Но како Гаши стигна во Собранието?

Во 2014 година, ја формираат партијата Беса, со неговиот тогашен сопартиец Билал Касами. Касами како лидер на Беса, Гаши како генерален секретар. На парламентарните избори во 2016 Беса освојува пет пратеници и станува втора најголема албанска партија во Собранието. 

Тогаш Гаши станува пратеник. 

Идиличната атмосфера на новорастечката албанска партија и не трае толку долго. По лошиот резултат на локалните избори во Тетово, каде што лидерот на Беса и соработник на Гаши, Билал Касами се кандидираше за градоначалник, но не ја доби довербата од тетовчани, во партијата почнуваат и првите превирања. 

Еден од потпретседателите си дава оставка и партијата се дели на две крила. По долга битка, Основниот суд Скопје 2 одлучи лидер на Движењето Беса да остане Билал Касами, па тогаш Гаши решава да формира нова партија, Алтернатива.

Гаши во 2021 година, со 4 пратеници решава да влезе во Владата на Зоран Заев, за да го одблокираат патот кон ЕУ но и да спроведат меѓународна истрага за случаите каде што има сомнежи за политичка импликација, како што се: Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу. 

Но набрзо се премислува, па по речиси две години на власт Гаши во 2023 година решава дека ќе делува како опозиција и излегува од владината коалиција. Одлуката следи по најавата на Ковачевски за реконструкција на Владата. Тука ги губи министерствата со кои раководеа неговите кадри, министерството за здравство, информатичко општество и правда, кои им се доделуваат на Алијанса за Албанците.

Бидејќи во политиката се е можно, во својство на опозиција- од блиски соработници, до политички опоненти, но Африм Гаши и Билал Касами минатата година решија повторно си подаваат рака- сега за да ја срушат ДУИ од Власт.

Со Коалицијата ВРЕДИ составена од Алтернатива на Гаши, Беса на Касами, крилото на Таравари од Алијанса за Албанците и Демократско движење на Изет Меџити, на овие избори освојуваат 14 пратенички мандати. 

Во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ решаваат дека Африм Гаши треба да биде новиот претседател на Собранието на Македонија.