Македонија
21. December 2023 - 19:47

Од понеделник “Трикафта“ ќе добијат уште седум пациенти- наредната година за сите ќе има лек

“Трикафта“ од понеделник ќе добијат уште 7 пациенти. Лекот е стигнат на Детската клиника. Постепено на терапија ќе бидат вклучени и други лица со цистична фиброза кои ги исполнуваат условите според протоколите.

Со буџет од 100 милиони денари наредните 3 месеци покриени се и првите 12 пациенти кои веќе ја примаат терапијата. Потоа во 2024 и 2025 година со обезбедени 850 милиони денари државата преку директни преговори ќе купува “Трикафта” од производителот. Тогаш ќе бидат опфатени сите 55 пациенти кои се на листа за чекање. Освен над 12 години, ако проценат лекарите и ако им е влошена состојбата модулаторна терапија ќе им се дава и на деца кои не се во оваа бројка.

- Но, кај нас иако границата е 12 години, со конзилијарни мислења, може да вклучиме и помлади. Веќе има две деца кои се во тешка состојба и за нив можеме да дадеме препорака да бидат вклучени во терапија со конзилијарни мислења“, рече директорката проф. д-р Стојка Нацева-Фушиќ, директор на Клиниката за детски болести.

Од Асоцијата за цистична фиброза се задоволни што пациентите конечно го добиваат лекот по кој мечтаеле со години.

- Ќе продолжиме со промени и ќе ги вклучиме и најмладите. По овие информации голема бројка родители и пациенти ќе бидат мирни и ќе знаат дека не треба да стравуваат за животот на своите деца и на самите нив, рече Фики Гаспар, претседател на Асоцијацијата за цистична фиброза.

- Бирократските работи не смеат да бидат причина за загрозување на здравјето на граѓаните, лекот трикафта е веќе на Универзитетската клиника за детски болести, со 100 милиони денари набавена е терапија за следните неколку месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот за 2024 и 2025 година, пациентите со цистична фиброза етапно се вклучуваат на терапија, па така согласно протоколот и прецизните кртериуми на еволуацијата се одлучува за добивање на терпија, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

По притисоците од јавноста, протестите на пациените и смртниот случај на Благојче Илиевски кој не дочека трикафта, лекот беше набавен во март за само 8, а подоцна беа вклучени уште четворица пациенти.