Македонија
24. August 2019 - 16:45

Од понеделник почнува уписот на бруцоши на штипскиот универзитет

Од  понеделник, 26 август започнува првиот уписен рок за студентите на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ за академската 2019/2020 година и ќе трае до 2 септември. На 12 факултети и три академии слободни места има за 4000 бруцоши.

-Универзитетот е отворен за сите студенти, независно од тоа од кој дел на нашата држава ќе дојдат, меѓутоа отворен е и за сите меѓународни студенти кои ќе дојдат и ќе аплицираат, бидејќи прашањето за интернаионализација на Универзитетот, високо котира во програмите и во развојот на нашиот Универзитет-изјави Блажо Богоев, ректор на УГД-Штип.

За оваа академска година има 120 странски студенти, кои една година го изучувале македонскиот јазик, а во моментот студираат околу 300 студенти од странство.  Преку Еразмус програмата студентите имаат можност да поминат еден или два семестри на еден од престижните европски Универзитети.

-Имаме соработка со преку 300 универзитети, така што можат да искористат многу поволни во насока на стекнување на квалитетно образование- додаде Боев

И годинава се очекува медицинскиот факултет да биде најатрактивен за бруцошите на кој има 700 слободни места. Идните студенти, освен во Штип, можат да аплицираат  и во дисперзираните центри во Струмица, Скопје, Кавадарци и Прилеп.