Македонија
3. August 2019 - 16:19

Од понеделник Кривичен суд ќе одлучува за екстрадицијата на Морина

Политиката не смее да врши притисок врз правосудните органи кои треба да одлучат по барањето за екстрадиција за Томор Морина. Иако ова е чест случај на балканските простори, Македонија е потписник на Европската конвенција за екстрадиција и мора да се води според строго утврдените правила.

Вака познавачите на правото ги коментираат последните случувања околу поранешниот припадник на УЧК, кој по распишана потерница од Интерпол беше уапсен од македонските власти минатата недела на Блаце. Него го бара Србија, поради сомневање дека злоставувал цивили во војната на Косово.  

И покрај одредени најави дека тој ќе биде експресно ослободен, тоа засега не се случи. По пристигнатото барање од Белград за негова екстрадиција ќе одлучува Судот од понеделник. Во меѓувреме, функционери од албанските партии во земјава, меѓу кои и вицепремиерот Османи, отворено побараа негово ослободување.

Буџаковски информира дека праксата во овие случаи е јасна. Србија мора да достави детална документација зошто го бара Морина, а кривичното дело за кое се товари мора да е постои и во земјата каде што е уапсен.

Србија преку министерот Стефановиќ порача дека доколку Македонија не го испорача Морина ќе го прекрши меѓународното право, додека косовските власти веќе неколку дена се закануваат дека евентуалното негово предавање Белград ќе ги наруши односите со Косово.

Постои ли можност за договор кој ќе ги заобиколи правните процедури?

Експертите велат дека поседувањето на косовско и британско државјанство – какви што има Морина – не би требало да ја комплицира ситуацијата. Тој може да биде суден и во овие земји, но најпрвин за тоа треба да се согласи државата која го бара по потерница. Сепак, според правниците, конечната одлука за неговата судбина ја има македонското правосудство.