Од петок поскапуваат цигарите, најверојатно за 3 денари
Од петок акцизата за тутунот се зголемува за три денари што најверојатно ќе предизвика поскапување на цигарите. Засега од тутунските компании не откриваат дали ќе ги зголемат цените, но тоа е најчестиот потег после секое зголемување на акцизите.
Ова би било последно зголемување на цената за годинава, откако претходно во февруари цигарите поскапеа за пет денари.Во наредните 7 години акцизата за тутунот ќе поскапува по четири денари за кутија цигари годишно. Целта е со цената да се намали потрошувачката на овие производи и да се заштити здравјето на населението.
Пушачите кои ги анкетираше Сител велат дека поскапувањето нема да влијае на нивната одлука да го користат овој порок.
Зголемувањето на акцизите за цигарите и другите тутунски производи кај нас следува по одлуката на СЗО, сите земји во светот да воспостават единствен систем на оданочување на овие производи, кое треба да надмине ниво од над 70 отсто од малопродажната цена. Поскапувањето кое почна во 2013 ќе оди постапно, за да има помали оптоварувања, и ќе трае до 2023.
Според истражувањето на американскиот институт за метрика и евалуација на здравството Македонците годишно трошат 97 милиони евра за цигари. 37 отсто од граѓаните во земјава се страствени љубители на никотинот. Односно, околу 740 000 граѓани пушат, а секој пушач годишно купува 115 кутии цигари.
Иако откажувањето не е лесно сепак постојат и оние кои престануваат со користење на овој порок.
Само за пример , еден корисник кој пушел просечно 30 цигари на ден, се откажал од пушење пред 282 дена, со што заштедил над 35 000 денари. Уште поголеми се здравствените добивки кои ги стекнал со откажувањето.
-

Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар
