Македонија
16. July 2024 - 16:47

Од наводно „насилство“ од медицинската сестра врз бебето од Сарај, случајот на Детска клиника заврши како „недоразбирање“

Oд наводно “насилство” до “недоразбирање”. Вака заврши случајот на Детската клиника, откако семејството на четиримесечно бебе од Сарај обвини медицинската сестра од одделот за имунологија дека  “намерно” го повредила доенчето. Директорот на установата покажувајќи документ од заклучокот на стручната комисија пред медиумите изјави сестрата немала никаква намера да му нанесе повреди на детето,  а модринките настанале како резултат на механички притисок при земање крв за анализи.

  • Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, Сметаме дека најрверојатно во основа причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило претходно на ден 7 јули и губење на довербата на родителите кон медицинската сестра. Вчера е реализирана средба меѓу родителите на четиримесечното доенче и медицинската сестра. Родителите на детето се покажаа доблесни и медицинската сестра изрази спремност за да се согласат дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и недоразбирање и си дадоа рака на помирување, изјави д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.

Во исто време министерот за здравство изјави дека се уште не го добил извештајот од комисијата, но синоќа бил информиран дека против сестрата и уште едно лице се водело дисциплинска постапка.

  • Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него, повеќе е невнимание од сестрите со бебе кое што било немирно, меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам оти немам писмено испратено. Меѓутоа, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, а посебно со децата, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Директорот на Детска е категоричен дека против медицинската сестра нема да се води никаква постапка, ниту пак некој ќе одговара за нарушување на угледот на Клиниката и стресот и вознемирувањето на сестрата.

Со медицинската сестра од детска која 15-тина години работи на Клиниката е разговарано дури три дена по објавата за “наводното” насилство. За директорот не било задоцнето бидејќи било викенд, иако истиот ден со министерот отидоа кај семејството на бебето. Целиот случај доби меѓуетнички димензии поради обвинувањата на член на семејството дека сестрата најверојатно намерно му нанела повреди на бебето зошто мајката не зборувала македонски. Се вмешаа и политичките партии со меѓусебни обвинувања. Во одбрана на сестрата застана фелата.