Македонија
30. March 2018 - 11:02

Од два стана во Скопје украдени девизи и накит од 920.000 денари

  Девизи и златен накит во вкупна вредност од 920.000 денари се украдени вчера од два стана во Скопје од засега непознат сторител, информира денеска Министерството за внатрешни работи во редовниот дневен Билтен.
 
Г.Ј. (41) во Полициската станица Центар пријавил дека вчера од 8 до 16:30 часот непознат сторител извршил тешка кражба во неговиот стан ул. „Св. Кирил и Методиј“. Крадецот делувал на заедничката влезна врата од ходникот преку кој се доаѓало до станот на Г.Ј. и стан сопственост на Л.Ш. Потоа насилно делувал на влезната врата од станот на пријавителот, влегол внатре и одзел пари, околу 500 евра и разновиден златен накит, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 120.000 денари.
 
Откако го напуштил тој стан се упатил во станот на Л.Ш.,  каде одзел околу 12.000 евра и златен женски часовник по што го напуштил местото стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 800.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.