Од денеска во Косово само со потврда за три вакцини
По наглото зголемување на бројот на заболени од Ковид-19, Косовската Влада вечерва донесе нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата, според кои, меѓу другото, од утре за влез во државата е потребно да се приложи потврда за примени три дози вакцини, или две вакцини и негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од обврската за приложување сертификати за вакцина при влез во Косово се ослободени лицата кои патуваат транзитно, странските дипломати, децата до 12-годишна возраст и лицата кои имаат лекарска потврда дека се ослободени од вакцинација.
Косовските државјани кои немаат примено две вакцини, по враќањето во земјата ќе треба да подлегнат на седумдневен карантин во своите домови. На сите вработени во јавните институции ќе им се бара сертификат за примени најмалку две дози.
Со новите мерки, таканаречениот полициски час, односно забраната за движење, наместо од полноќ, од утре ќе трае од 22 до пет часот наутро. Се скратува и работното време на угостителските објекти, кои, наместо до 23 часот како досега, ќе можат да работат до 21 часот, со тоа што музиката е дозволена до 20.30 часот.
Забранета е работата на ноќните клубови и организирањето на фестивали, концерти, свадби и веридби, додека на погребни церемонии е дозволено присуство само на најблиските роднини.
Одлуката стапува во сила утре, 22 јануари, и е со важност до 4 февруари.
Во своето образложение за новите мерки Владата се повикува на најновата епидемиолошка ситуација, по порастот на случаите со Ковид-19. Иако според Институтот за јавно здравство на Косово ситуацијата се смета за стабилна, сепак се вели дека опасноста останува, поради доминацијата на варијантата Омикрон на вирусот.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Потенцијална инвестиција од една милијарда евра во когенеративна гасна постројка
-
Продолжување на судењето на Урош Блажиќ за масовното убиство во Дубона и Малo Орашје
-
Кривична за помошник министер во Центарот за обука - Оштетен буџетот на МВР за 189.777 денари
-
Љутков: Работни групи работат на случајот со Универзалната сала
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
Британски суд осуди албански државјанин, кој извршил грабеж и во вилата на фудбалската ѕвезда, Рахим Стерлинг
-
Бомбата за Раде Штекли најавена на „тикток“ | ВИДЕО
-
Во петок дожд и снег на планините, за викендот стабилно и студено време