Од денеска во Грција само со пасош
Од полноќ ливчињата за влез во Грција официјално се вон употреба. Граѓаните од синоќа ја минуваат границата само со македонскиот пасош. Ова доаѓа откако пред една недела согласно преспанскиот договор, сите наши државјани кои влегуваат во Грција во пасошот добиваат печат со новото уставно име. Грчките власти дури вчера издале наредба до погранчните служби за новите правила за влез на македонски државјани во Грција. Наместо на белите ливчиња, за прв пат печат за влез ставаат во пасошите.
Печатите со Република Северна Македонија за сега ги има само на граничните премини со Грција. Граѓаните кои патуваат во Србија, Бугарија, Косово и Албанија се уште не добиле печат со новото име. Од МВР велат дека подготовките се во тек и наскоро ќе бидат доставени печати на сите гранични премини. Инаку започната е процедурата за новите пасоши, но до објава на тендер се уште има време велат од МВР. Новите пасоши ќе почнат да се издаваат кон крајот на годинава.
Минатата недела на граничните премини беше направена и замена на старите табли со нови на кои наместо досегашното име беше ставено новото Република Северна Македонија. И оваа промена започна од таблите на граничните премини со Грција.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар