Македонија
26. November 2020 - 16:37

Од денеска уште една клиника станува ковид центар

На секој половина час во скопската  Брза Помош имаат повик за пациент со Ковид-19 кој е на домашно лекување а состојбата му се влошила. Медицинските екипи покрај интервенција на лице место, најчесто овие болни ги носат во ковид центрите поради ниска сатурација и проблеми со дишењето. За 24 часа им се случувало да имаат и по 80 транспорти до болничките установи каде, пак, поради големиот наплив на болни понекогаш чекаат и по еден час со пациентот во возило.

-Десетстуко е зголемен нашиот обем на работа, има постојано повици што за транспорт што за интервенција, понекогаш и 80 за 12 часа, односно, една смена, вели др. Кристина Трајчева Шинделар, Брза Помош Скопје.

-Поради презафатеност на лекарите во ковид центарот, не може одма да биде прифатен пациентот, и по половина час еден час чекаме и верувајте не ни по наша вина ниту поради нивна вина, вели др. Александра Пејковска, Брза Помош Скопје.

И статистичките податоци од Министерството за здравство покажуваат за големиот притисок во болничките капациентите. На лекување има 1314 пациенти со Ковид а од денеска ковид центар станува и клиниката за Уво, нос и грло со 50 кревети. Од утре ќе почне и распоредувањето на војска и полиција во обезбедување на здравствени установи.

-Министерството за внатрешни работи координира со Армијата и со Министерството за здравство, за тоа кои луѓе, каде ќе бидат распоредени. Јас очекувам врз база на побарувањата од Министерството за здравство во текот на утрешниот ден да започне распоредувањето, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Освен војници, од понеделник Шекеринска најави и 12 лекари и 20 медицински сестри кои треба да ги засилат воените екипи кои и сега помагаат во здравството.

 

Видеа од Македонија