Македонија
4. July 2017 - 17:43

Од 1 септември администрацијата со флексибилно и сменско работење

Владата на Република Македонија на денешната седеница донесе одлука да се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време, соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Одлуката ќе се применува од 1 септември. Со неа се утврдува дека почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа. 

Манчевски потенцира дека како што беше најавено во Програмата на Владата, со оваа одлука исто така се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав. Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.

Ова, посочи тој, не е финален список на институции коишто ќе работат во две смени. - Оваа одлука постојано ќе се надополнува и ќе се видоизменува со цел што повеќе да го зголемиме бројот на институции да работат двосменски и да излеземе во пресрет на интересите на граѓаните, изјави Манчевски.   

Оваа одлука за менување на работното време во администрацијата, според него, следува по серијата консултации со граѓаните и со претставниците на невладиниот сектор и синдикатите.

- Ова е една од мерките коишто Владата ќе ги преземе  во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа, рече министерот Манчевски. 

Појасни дека воведувањето на измените во работното време во администрацијата е вработените да имаат шанса да се прилагодат на работното време на градинките и училишните установи.

Очекувањата на Владата се дека со оваа мерка ќе се придонесе за намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време.  

Одложувањето на примената на одлуката од 1 септември оваа година, појасни тој, е за да им се овозможи на институциите да се прилагодат за примена на оваа одлука. 

Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во моментов во сите министерства се спроведува функционална анализа на вработените во јавната администрација со цел да се види каде има вишок и каде имаме недостиг на одредени кадри.

- Веднаш по завршувањето на оваа анализа ќе бидат распределени оние коишто во овој момент немаат соодветна работна задача. Зборот реформа сакам да го  сменам со реорганизација и со прераспределба на вработените во администрацијата со цел граѓаните да имаат многу поефикасен сервис и услуги, изјави министерот за информатичко општество и администрација.