Македонија
26. December 2017 - 14:24

Од 1 јануари стартува забраната за достава на стоки во центарот на Скопје од 7:30 до 18 часот

Од 1 јануари до март следната година Градот Скопје воведува забрана за достава на стока во потесното градско подрачје во период од 7.30 до 18 часот.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, на денешната прес-конференција информира дека ова е една од 15-те итни мерки за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

Појасни дека Одлуката се однесува за запирање за доставување стока во наведениот период, а не се однесува на движењето на возилата што ја доставуваат. Дополнително, оваа забрана не се однесува на фирмите што имаат сопствен простор за доставување стока, туку само за оние што за доставата користат улица или тротоар.

Тој посочи дека се проценува дека 4.000 возила дневно дистрибуираат стока во централното градско подрачје.

Станува збор за мерка што ќе придонесе за намалување на застојот во сообраќајот, а со тоа се намалува и количеството на штетните гасови што се ослободуваат за тоа време.

-  Свесни сме за непопуларноста на оваа мерка меѓу доставувачите на стока. Со дел од нив веќе остваривме средби со цел да ги надминеме непријатностите што им ги создава примената на оваа забрана. Бараме начин како да ги ублажиме евентуалните негативни последици од нејзината примена. Во истовреме, апелираме за разбирање од фирмите што имаат потреба од зачестена достава на стока и ги замолуваме да најдат начин да ја почитуваат забраната. Сепак, грижата за чистотата на амбиентниот воздух и за здравјето на граѓаните е наша заедничка грижа, истакна Салиху.

Одговарајќи на новинарски прашања го повтори апелот да не се палат огнови за бадникот цел да се заштити животната средина и да не се загадува воздухот. На граѓаните им стои на располагање отворената линија 193 за да пријават запален оган.

Во однос на утврдување на новата цена на водата, од Градот Скопје информираа, дека утре треба да се назначат членовите на Управниот одбор во ЈП „Водовод и канализација“ кои треба да го подготват предлогот за новата цена на водата согласно утврдената тарифа на Регулаторната комсија за енергетика, а која треба да се применува од 1 јануари 2018 година. Одлуката врз основа на предлогот ја донесува Советот на Град Скопје.