Македонија
26. March 2020 - 15:02

Обвинителството чека дополнителни информации од СВР Скопје за поднесување кривична против директорката на кожно

Се уште нема кривична пријава против разрешената директорка на Клиниката за кожни болести, која заболела од корона вирус и заразила најмалку пет колеги. Министерот за здравство вчера информираше дека кај вработени на Кожно кои биле во контакт со Нина Цаца Билјановска, тестовите покажале дека се позитивни на ковид 19. Останатите 170 лица кои беа во 14 дневна изолација ќе ги театираат етапно. Обвинителството се уште чека дополнителни податоци од МВР за да одлучи што со докторката која не ги почитувала препораките на здравствените власти и одела на работа со симптоми а држеше и семинар пред стотина колеги.

- Од нив се бара да се приложат сите релевантни докази, во смисла на тоа кој ден поранешната директорка го држела предавањето, список на лица-учесници на тој семинар, дали и кои од тие лица биле заразени со коронавирусот и да се приложи писмена медицинска документација за инфицираноста, како на поранешната директорка, така и на учесниците на семинарот на кои таа им предавала, велат од обвинителството.

И додека за докторката од Кожно се уште се прибираат докази, пред 6 дена, кавадаречкото обвинителство побара казна за исто кривично дело за лекар од Кавадарци, кој иако требал да биде 14 дена во изолација, одел на работа во психијатриското одделение во болницата. Во здравствената установа биле преземени сите мерки за дезинфекција а директорот денеска информираше дека се негативни тестовите на сите кои биле во контакт со заразениот психијатар и неговата сопруга.