Македонија
15. May 2017 - 16:53

Обвинителство: Перење пари во НЛБ Тутунска, осомничен и поранешен министер

Поранешен и актуелен директор на НЛБ Тутунска Банка, поранешен министер, адвокат, нотар и други лица, како и едно лице државјанин на Република Словенија, 11 години функционирале како организирана мрежа за перење на пари. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека е оформен предмет против овие лица за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари.

- Постојат сомненија дека во периодот од 2006 до 2017 година биле преземани дејствија за основање на фирми, подигање на кредити и пренесување на парични средства во Словенија и во австриски фирми, а потоа дел од средствата се инвестирани во основање на нови фирми и купување на недвижен имот на подрачјето на град Битола, се вели во соопштението од ЈОРМ.

За утврдување на  фактите и да обезбедување на потребните докази, обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи издало наредби за анализа на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финансиска и управна природа.

Од обвинителството велат дека овој случај нема поврзаност со грабежот од трезорот на НЛБ Тутунска Банка, случај во кој вработен во оваа банка пред околу два месеци успеа да украде од трезорот 2 милиони франци и 270.000 евра.