Македонија
6. February 2025 - 16:37

Објавени огласи за 47 обвинители и 50 судии: Ќе се пополни ли дупката во обвинителствата?

Објавен оглас за 47 нови Јавни обвинители. Но доколку на огласот се пријават сите 47 кандидати, ќе биде пополнета само половина од дупката во Обвинителствата со оглед на тоа што во моментот недостасуваат 97 обвинители.

-Најмногу Јавни обвинители планираме во овој момент да објавиме за Основото јавно обвинителство во Скопје кадешто има исто така огромен недостаток со оглед на тоа што повеќе од Јавните обвинители, функцијата им е во мирување со оглед на тоа што се во други Јавни обвинителства, а поради тоа што голем број Јавни обвинители го остварија правото на старосна пензија. Меѓутоа, огласи ќе објавиме и во другите градови на државата со оглед на тоа што недостасуваат во моментот Јавни обвинители во сите Јавни обвинителства, вели претседателката на Советот ја јавни обвинители, Душица Димитриевска.

Сепак, постои ризик дека на огласите нема да се пријават кандидати за сите Обвинителства, со оглед на тоа што  досегашното искуство покажало дека најголем интерес има за скопското.

Во моментот три обвинителства остануваат без обвинители. Такви се Ресен и Крива Паланка, но од денеска и Делчево, со оглед на тоа што обвинителката Сузана Бошнаковска, која од Делчево во изминатите три месеци го пополнуваше местото и во Берово, денеска беше избрана за нова обвинителка во Берово. Тоа значи дека за Делчево ќе се бара друг.

Државниот јавен обвинител предупредува, овие 47 места се за следните три години. За нови вработувања потоа ќе се чека нова генерација од Академијата за судии обвинители.

-До тогаш, освен овие 47, ако е нивна желба, нивно право е дали ќе се пријават за Јавни обвинители, наредните три години ќе нема примено ниту еден Јавен обвинител, а секако ќе има одлив на Јавни обвинители со оглед дека ќе одат дел во пензија, итн. Тоа е природен одлив, вели Коцевски.

И Судскиот совет објави оглас за вработување на 50 судии ширум судовите низ Македонија. Најмногу судии се бараат во Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.