Македонија
5. February 2021 - 16:47

Објавени детали - како ќе се спроведува пописот

Државниот завод за статистика ја објави методологијата врз основа на која ќе го спроведува пописот закажан за 1 април.

Според неа, Македонија ќе користи комбиниран пописен модел. Ќе се вкрстуваат бази на податоци од 9 државни институции со одговорите кои повеќе од 5500 попишувачи ќе ги соберат на терен директно од граѓаните.

Ќе се попишува и резидентното и нерезидентното население по што ќе се сумираат податоци за секоја категорија посебно но и за двете заедно.

За прв пат попишувачите нема да користат хартија туку целата пописна процедура ќе се води на лаптоп кој ќе биде постојано онлајн и поврзан со базите на државните институции. На вратата ќе ви тропне само еден попишувач. Кога ќе му го кажете Вашиот матичен број и тој ќе го внесе во компјутерот поголемиот дел од прашањата за кои системот може да најде одговори во базите автоматски ќе се пополнат. Вие ќе треба само да ги потврдите информациите или да ги измените ако некаде има потреба за тоа.

Можете да попишете и лице кое во тој момент не е во домот, но ќе треба да го знаете неговиот матичен број а податоците кои ќе ги дадете ќе мора да се поклопуваат со оние податоци кои попишувачот ќе ги добие на мониторот на својот лаптоп кога ќе го вметне матичниот број.

За лицата кои живеат во странство а сакаат да се попишат изработена е посебна онлајн апликација која ќе може да се користи само надвор од Македонија и преку која овие граѓани ќе можат самите да си ги внесат податоците. Оние кои нема да ја искористат апликацијата можат да бидат попишани и од лица во Македонија кои ги знаат нивните податоци но повторно ќе биде потребен целосно пополнет прашалник, а овие граѓани ќе мора и дополнително лично да се изјаснат за националните и верските белези.

Од 1 март почнува попишувањето на лицата во затворите, оние кои немаат целосна документација, војниците во касарните како и лицата кои се дел од дипломатските мисии.

Попишувачите кои ќе одат во домовите на граѓаните нема претходно да поминат преку ковид тестирање но постојано ќе носат заштитна опрема.

Според законот пописот кој ќе се спроведува на 7 јазици треба да трае до 21 април а резултатите од Државниот завод за статистика се надеваат дека ќе ги објават за неколку месеци