Македонија
26. April 2017 - 10:24

Објавена книга за македонската поетеса Даница Ручигај

„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот” е насловена книгата за првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот земјотрес во 1963 година. Автори на книгата, која излезе од печат деновиве, се Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти.  
 
Книгата, всушност, произлегла од радио елегијата што по ист наслов била емитувана на програмата на Македонското радио - Радио Скопје и е дел од мега аудио книжевниот проект „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!”.
 
Книгата, како и радио елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, има три структурални делови: авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници.
 
- Како таква, всушност, ова е книга - концентрат на најважното за Даница, за она што не смее да се заборави за жената која сосема сама започна и сврте цела една страница во македонската поезија и култура воопшто. Даница Ручигај со својата исконска физика и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие наши македонски простори, пред повеќе од пет децении со своите стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија, наведуваат авторите.
 
Нарекувајќи ја Ручигај „македонска Силвија Плат и амазонка на македонската современа поезија“, тие посочуваат дека „во тоа време преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува авангарда во вистинска смисла на зборот“.
 
- Но, и покрај тоа, Даница и нејзините „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ја имаа таа проклета наша македонска судбина да бидат жртви на ненамерна или намерна заборавеност и на повеќедецениски целосен молк. Затоа, оваа книга, но и радио елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, се уште еден обид на авторите, кои повеќе од две децении неуморно трагаат по животните и творечките врвици на Даница Ручигај, од првата македонска поетеса да биде симната копрената на заборавот и конечно да си го заземе местото што и припаѓа на македонското поетско небо, истакнуваат авторите на книгата Чоловиќ и Стаменов.
 
Тие биле приредувачи на книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај, која беше објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт и од скопскиот катастрофален земјотрес и која, покрај двете нејзини антологиски стихозбирки, содржи се што дотогаш беше напишано и објавено за неа и за нејзиното творештво.