Македонија
25. August 2015 - 9:44

Објавена книга со студии, есеи и критики од Звонко Танески

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје излезе од печат книгата на Звонко Танески „Просторите на текстот“, со поднаслов – „По врвиците на критиката и на академското пишување“.

Книгата е структурирана во шест различни поглавја кои претставуваат интердисциплинарна целина. Во сите нив е содржан концептот на „просторот“. Во книгата се вклучени избрани текстови пишувани од 1999 до 2015 година.

- Критичарското око на Танески во континуитет се посветува и на книжевната критика на дела и од македонската и од словачката јазична средина, и тоа дела кои се однесуваат на сите периоди од развојот на литературата, од медиевалистиката па сè до најсовремените трендови во творештвото...Овие критики и студии покажуваат паралелна, но темелна упатеност во кирилометодиевската проблематика и рецепција, во црковнословенските текстови и сл., но и во современата теоретска и книжевна мисла, во комуниколошките и културолошките теории, имагологијата, споредбените истражувања на книжевните и културните контексти, дури и на алтернативната поетска сцена, пишува рецензентот на книгата проф. д-р Ана Мартиноска.

Звонко Танески (1980) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Автор е на поетските книги - „Отворени врати“ (1995), „Хорот на гнилите лисја“ (2000), „Срт“ (2003), „Чоколада во портфолио“ (2010), „Нежности без гарантен лист“ (2012), како и на повеќе лингвистички трудови.

Превел повеќе дела и избрани творби од словачки, англиски, српски, бугарски јазик, но и од македонски на словачки јазик. Негови песни, есеи и културолошки согледби се преведени на петнаесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди во Македонија и во странство.