Македонија
15. December 2016 - 10:59

Објавена книга „Превентива и заштита на иконите“ од Златко Танасковски

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје излезе од печат книгата „Превентива и заштита на иконите“ од Златко Танасковски.

Иконите, како и сето движно културно наследство во Македонија, отсекогаш биле изложени на кражби и на нелегална трговија. Ова е книга која нив ги третира од историографски, културолошки и криминолошко-безбедносен аспект, но првенствено од аспект на заштитата на старите икони кои се уште се чуваат во македонските цркви и манастири. 

Во книгата најпрвин авторот пишува воопшто за иконите во Македонија како културно наследство, а потоа се зафаќа со анализа на голем број превентивни и безбедносни аспекти во зачувувањето на иконите.

Златко Танасковски има повеќегодишно искуство во институции од областа на аналитиката и оперативата, со проблеми поврзани со културата, културното наследство и развојот на културните процеси во Македонија, со голем број теренски истражувања и анализи за заштита на културното наследство на Република Македонија.

Танасковски е автор на прирачник за аналитичко работење во разузнавачките служби, како и на повеќе осврти од областа на организираниот криминал и културно наследство.

Оваа книга е негов магистерски труд одбранет во Институт за македонска литература во Скопје.