Македонија
22. јуни 2022 - 16:39

Објавен текст на протоколот: Што бара Бугарија за поддршка на преговорите

На тврдината во Охрид ќе треба веднаш да ставиме натпис дека Самоил бил бугарски цар и да поставиме нови табли на сите негови споменици. Ваков протокол договориле Османи и Генчовска на последната средба и како што јавуваат бугарските медиуми, тој е клучен документ за деблокада на интеграциите и прецизно ги утврдува чекорите кои мора да ги преземеме доколку сакаме старт на преговорите.

За да почнат, Македонија прво ќе мора да го смени Уставот и во него да ги внесе Бугарите и да го измени и внатрешното законодавство за да им овозможи правична застапеност односно процентуална застапеност на вработувања во јавниот сектор.

Додека Бугарите добиваат статус на конститутивен народ во земјава, Македонија комплетно се откажува од своето малцинство во Бугарија, а покрај ова, должни сме и јавно да им се извиниме за наводната репресија која врз нив ја вршела власта во Југославија.

Според документот кој БГ НЕС го објави во целост должни сме на Бугарија да и ги испратиме сите учебници и секакви наставни материјали за да можат тие да направат анализа што е она што во нив треба да се промени. За менување на учебници ни даваат рок од 2 години во кои ќе треба да ги смениме и таблите на спомениците кои сведочат за бугарското фашистичко минато.

Протоколот предвидува и засилена државна репресија врз сите кои ќе шират говор на омраза. Покрај за објава во медиумите, полицијата може да ви дојде на врата и во случај да напишете нешто на социјалните мрежи а тоа да не му се допадне на бугарското МНР кое ќе биде тоа кое што ќе суди што е говор на омраза.

Ова е трет документ но клучен за македонските интеграции. Како што пишуваат бугарските медиуми тој е производ на нацрт заклучоците на Советот и Преговарачката рамка и во него нема ништо француско односно е резултат на договор меѓу Османи и Генчовска. Потпишан е на бугарски јазик според бугарскиот Устав и на Македонски според македонскиот Устав со што бугарската дипломатија уште еднаш вешто го избегнува терминот „македонски јазик“.