Бизнис
16. February 2021 - 20:03

Објавен петтиот пакет мерки - Што содржи?

160 милиони евра преку петтиот пакет мерки ќе завршат кај граѓаните и фирмите. Владата ги усвои новите мерки кои треба најпрво да ги ублажат последиците од кризата, но најважно да го трасираат патот кон растот од пред неа. Новиот пакет содржи 29 мерки со кои се опфатени сите сектори. Најценетата мерка од претходните пакети, поддршката за плати за задржување на работните места ќе важи само уште за февруари и март и тоа само за најпогодените фирми.

Фирмите кои имаат помал пад на приходите ќе имаат на располагање бескаматни кредити. Ако работат успешно, дел од тие пари нема да треба да ги вратат. Ќе има и повеќе проекти за поддршка на комапнии од различни сектори преку евтини кредити, како и за занаетчиите и самостојните вршители на дејност. Радиодифузерите ќе бидат ослободени од плаќање концесии, а сите коишто користат лиценци исто така ќе добијат нивно автопатско продолжување на една година. Пет милиони евра се ставени на располагање на тутунарите.

Со овој пакет мерки, директна поддршка има за најсиромашните граѓани кои не можеле редовно да плаќаат сметки. Тие во наредните пет месеци ќе можат да аплицираат за бришење на каматите за долговите кон јавните претпријатија и општините. Со склучувањето договор ќе добијат можност главниот долг да го платат на 12 рати, а услов е редовно да ги плаќаат тековните сметки. Приватните компании не се вклучени во мерката.

Примената на мерките од овој пакет за некои сегменти ќе чека законските измени да поминат во Собранието. Дел од мерките и од претходните мерки се уште не се реализирани заради истата причина.