Македонија
6. July 2015 - 13:21

Објавен конкурсот за трет циклус студии на Битолскиот универзитет

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола го објави конкурсот за упис на кандидати во трет циклус или докторски студии.

За новата академска година огласени се 111 места за студирање на 11 универзитетски единици, вклучувајќи го и научниот институт во Прилеп, информираат од Ректоратот на Универзитетот во Битола.

Од Ректоратот во Битола посочија дека на Техничкиот факултет-Битола може да се запишат 26 студенти, на Педагошки факултет 8, на Факултет за безбедност во Скопје ќе може да студираат 18, а на Економскиот факултет во Прилеп 9 студенти.

- Докторски студии ќе се организираат и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде може да се запишат 11 студенти, на Факултет за биотехнички науки 15, Правен факултет-Кичево и Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе запишат по 6 студенти, додека Технолошко-техничкиот факултет во Велес огласи 9 места за идни докторанди. Упис за трет циклус студии ќе се врши и на Научен институт за тутун-Прилеп, каде може да се запишат 3 студенти, потврдуваат од Ректоратот во Битола.

Првиот упис ќе се врши од 17 до 27 август, а цената на студирањето на трет циклус студии на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола се движи од 3.500 до 5.000 евра во зависност од изборот на универзитетската единица, додека за студенти од странство докторски студии чинат од 4.000 до 7.000 евра.