Македонија
7. February 2018 - 20:29

Обиколницата над Битола се претвора во депонија

Неизвесно е кога ќе биде отворена за сообраќај обиколницата над Битола. Работите на терен се заглавени заради опасност од појава на ново свлечиште, на неколку метри погоре од старото. Градоначалникот на Битола, Наташа Петровска вели дека се менува и проектната документација со која треба трајно да биде санирано свлечиштетот над Битола.

“Интензивирани беа работите околу обиколницата, меѓутоа при работата на терен се појави проблеми. Согледано беше дека проектната документација која што е изготвена е во подолниот дел од патот, а во погорниот дел од патот се појавува ново свлечиште. Тоа ни наложи на некој начин да се настанат измени во изработката на проектната документација и поместување на трасата. Единствено во моментов има застој само поради воочените проблеми на терен кои се санираат”

Во меѓувреме, дел од обиколницата над Битола е претворена во депонија. Тела на мртви животни, стар мебел, комунален смет, парчиња стакло, горено ѓубре, облека е сликата на коловозот кој врви низ населбата Петочна вода.

Магистралниот пат А3 Прилеп – Битола – Ресен – Охрид, кај обиколницата над Битола беше времено затворан и отворан неколку пати во последните повеќе од четири години. Во јануари минатата година, „Македонија пат“ ја запечати обиколницата со образложение дека е опасна за возилата поради одрони и дека ќе остане така сѐ додека не се направи санација.