Обезбеден грант од 2,4 милиони евра за изградба на железнички премин помеѓу Македонија и Србија
Со пари од ЕБОР ќе се гради заеднички железнички граничен премин Табановце. Договорот за грант од 2,4 милиони евра денеска доби потписи. Ова е дел од инвестициониот пакет од близу 8 милиони евра за изградба на железнички премин меѓу Македонија и Србија. Проектот опфаќа и изградба на нова заедничка зграда за потребите на Гранична полиција, Царина и инспекциски служби на Македонија и Србија. Ќе се реновираат и постојните објекти во Табановце.
„Предвидено е вкупните работи да бидат на простор од 10 илјади 100 метри квадратни, на навистина една сериозна површина. Очекуваме до лето оваа година да избереме изведувач и во рок од две години да се заврши целокупната постапка, како веќе на средината на 2027 година би имале единст6вен граничен премин во делот на железница со Република Србија што секако ќе забрза и во делот на патнички но и пред се во делот на товарен сообраќај“ – Александар Николоски, министер за транспорт
Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри заем од 5 милиони евра како и грант од 250 илјади евра.
„Овој проект е јасен доказ за континуираната поддршка на банката за напорите на земјата да ја подобри својата инфраструктура, долж железничкиот коридор 10 кој е клучен железнички коридор на нацијата“ – Фатих Туркменоглу, ЕБОР
„Границата може да биде пречка, но исто така, може да биде и премин и отворена можност и ресурс. Сега Македонија ќе оствари придобивка од подобри капацитети преку создавање единствена железница и единствен граничен премин“ – Михалис Рокас, ЕУ амбасадор
За железничкиот премин ќе се гради и нова патна и комунална инфрастрктура.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар