Свет
22. May 2016 - 8:50

Обама во посета на Виетнам и Јапонија

Американскиот претседател Барак Обама замина вчера во еднонеделна турнеја во Азија, која е дел од неговите напори за посветување на поголемо внимание на регионот и за зајакнување на соработката во областите на економијата и безбедноста.

Обама во Виетнам ќе престојува три дена, каде ќе ги посети Ханој и Хошимин (поранешен Сајгон) и ќе се сретне со виетнамските лидери. Тој ќе посети и културни знаменитости и ќе разговара со лидери на граѓански здруженија и претприемачи. 

Клучна тема за време на посетата на Обама на Виетнам ќе бидат човековите права. Петмина републикански сенатори испратија завчера писмо до претседателот во кое го определуваат Виетнам како „еден од најрепсресивните режими во светот“ и инстистираат Обама да изврши притисок врз виетнамските лидери да сторат повеќе за почитување на слободата на вероисповест, правото на изразување и другите човекови права.

Виетнам во пресрет на посетата на Обама го ослободи од затвор познатиот духовен дисидент, Нгуен Ван Лин, кој е затворен од март 2007 година под обвинение за ширење пропаганда против државата.  

Од Виетнам американскиот претседател заминува за Јапонија на самитот на Г-7 и во историска посета на Хирошима.

За време на турнејата Обама ќе стави акцент на транспацифичката спогодба за слободна трговија, во која учествуваат САД, Виетнам и Јапонија. Спогодбата е блокирана во Конгресот на САД, но Обама се надева дека еден ден овој документ ќе ја зајакне транспацифичката трговија и ќе им овозможи на американските компании и работници да бидат поконкурентни на азискиот пазар.