Македонија
11. July 2015 - 17:01

Нуланд им порача на лидерите во Македонија да го реализираат договорот од 2 јуни

Решете ги политичката криза и спорот со името – ве чека членство во ЕУ и НАТО, ова е пораката до македонските поличари која од Дубровник ја упати американскиот заменик државен секретар Викторија Нуланд.

- Нашата порака за Македонија е подеднакво тешка: можноста за единство и просперитет чека на вас; Членство во НАТО и ЕУ чекаат на вас. Но, главните политички сили мора да престанат да се расправаат и да тргнат на патот кон демократските реформи скициран од еврокомесарот Јоханес Хан, со поддршка на САД. А потоа да се фокусираат на решавањето на спорот со името со Грција. Немојте да го испуштите овој момент - истакна Викторија Нуланд, Заменик Државен Секретар на САД, истакна Нуланд.

Освен за Македонија, на “Кроациа Форумот“ во Дубровник, Нуланд говореше и за предизвиците во евроатланските интеграции на останатите балкански земји.

Заменичката на Џон Кери ја започна својата Балканска Турнеја од Хрвтаска, денес е Босна и Херцеговина на комеморацијата на жртвите на масакрот во Сребреница а до 14ти треба да ги посети и Македонија, Црна Гора, Косово, Албанија и Србија.

Во понеделник Викторија Нуланд доаѓа во Скопје. Според досегашните дипломатски брифинзи, таа ќе се движи во истата насока и ќе бара спроведување на договорот од 2ри јуни. За да се исполни ваквото барање на “Стејт Департментот“, опозициската СДСМ ќе мора да се врати на преговорите кои ги напушти минатата недела.