Балкан
24. October 2016 - 11:04

„Новости„: Србија не испратила „терористи“ на Ѓукановиќ

Српските безбедносни служби дошле до веродостојни податоци дека никој од официјалните структури на Србија не учествувал во случувањата во Црна Гора за време на неодамнешните парламентарни избори.

Ова го дознаваат „Вечерње новости“, наведувајќи дека тоа ќе биде предочено и на денешната седница на Бирото за координација на безбедносните служби, која ја закажа српскиот премиер Александар Вучиќ.

Како што наведува весникот, се очекува денеска главна тема да биде апсењето на 20 државјани на Србија во Црна Гора за време на изборниот процес, по сомнение дека подготвувале напад на институциите на таа земја и киднапирање на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Како организатор на групата е означен поранешниот командант на Жандармеријата на Србија Братислав Дикиќ, кому е одреден притвор.

Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ за „Новости“ изјави дека, меѓу другото, на дневен ред ќе биде и можната вмешаност на српски државјани во случувањата во Црна Гора.

- По налог на претседателот на Владата Вучиќ, ќе биде одржана седница на Бирото на која ќе се разговара за три многу важни теми. Покрај можната вмешаност на наши државјани во неодамнешните случувања во Црна Гора, ќе се зборува и за дејствувањето на странски разузнавачки служби на територијата на Србија и заштита на националниот суверенитет, како и за борбата против корупцијата и криминалот, појасни Стефановиќ.

Според извори на „Новости“, во последните месеци агентите на ЦИА и други разузнавачки агенции посебно се активирале во Србија во последните месеци, за што сведочат и контраразузнавачките акции на српските оперативци, за време на кои откриени се бројни случаи на шпионажа.