Македонија
13. јуни 2016 - 16:11

Ново зголемување на социјалната помош за 5 проценти

Во јули ново 5 процентно зголемување на социјалната помош. Како што посочи лидерот на владеачката партија Груевски, средствата за примателите од социјално ранливите категории се обезбедени при планирањето на Буџетот за оваа година.

- Уште кога се правеше Буџетот за 2016 година, односно за годинава беа предвидени средства за зголемување на социјалната парична помош од пет проценти, така што од она со исплатата на овој вид помош што корисниците ќе ја добијат на почетокот на јули и таа ќе биде зголемена за 5 проценти. Станува збор за околу 30.000 семејства кои земаат различни видови социјална помош, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на книги од Проектот за превод на 1000 книги.

Груевски посочи дека главна стратегија на владечката партија останува привлекувањето на странски инвестиции како и охрабрување на домашните инвеститори да отвараат нови работни места.

- Мојата теорија е дека најдобра социјална политика е политиката на отворање нови работни места. И токму затоа невработеноста се намалува. Токму затоа фокусот е на намалување на невработеноста која од 38 проценти стигна на околу 24,5 отсто со континуирано нејзино намалување и континуирано отворање нови работни места, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Со ланското зголемување од 10 отсто социјалната помош достигна 4700 денари.Со најавените 5 % социјалците ќе добијат дополнителни 235 денари на своите сметки.За оваа намена се издвоени речиси 460 000 евра.