Македонија
13. September 2020 - 16:39

Ново видео на Тик-Ток: Млади тераат мајтап со итната медицинска помош

На младите од видеото им е забавно и не се свесни дека преку мајтапењето со линијата 194, ги губат секундите кои за некого значат живот. Собраното друштво во вечерните часови се смее на нивното дело, најверојатно несвесни дека ја држеле зафатена линијата за итни случаи и пациенти не успеале да побараат лекарска помош. Вработените од оваа служба се огорчени од тоа што го виделе, но велат ова е нивно секојдневие.

- Ние сме фрустрирани, изнервирани, вознемирени, може некој има потреба од нас а не може да ја добие. Има сообраќајни несреќи и неможат да пријават оти линиите се зафатени. Секоја таква злоупотреба значи се губи драгоцено време за итни работи, вели др. Маргарета Атанасовска Трипуноска од Брза Помош

Вработените во Брза Помош со години се на удар на закани, омаловажувања и шегувања на 194 и велат нема менахизам за превенција на вакви злоупотреби. Од објавеното видео се згрозени и психолозите кои велат дека со постапката на неколкумина не треба да се генерализира дека сите млади не ги научиле основните човечки лекции.

- Незнам кое име да го дадам на тој акт, има правници кои најверојатно ќе го кажат тоа, меѓутоа во никој случај не е игра ниту пак младалачка неодговорност да речам, бидејќи тие не влегле во продавница да се зезаат или да нарачаат 40 ќебапи па да не ги земат, туку злоупотребуваат телефонска линија која е за спасување на живот, вели Мирјана Стојановска психолог.

Снименото видео само ги извади на виделина долгогодишните проблеми што ги имаат вработените во Брза Помош со злоупотребата на нивната линија. Најчесто им се случува да имаат пријава за лажна сообраќајка кога губат и по неколку часови а притоа некој чека за да добие итна медицинска услуга.

- Тие глумат, итно е сообраќајка и немате време да распрашувате, веднаш оди екипа и тогаш две служби одат таму без потреба, вели Трипуновска.

Ваквите случаи ги пријавуваат во МВР, но засега нема никаков епилог. А освен што често се принудени да слушаат навреди и пцости, вработените во Брза помош треба да бидат и биро за информирање.

- Купиле нов телефон и ни звонат за активирање на бројот, ако си го заборавиле бројот звонат да им кажеме кој им е бидејќи имаме идентификатор. Има и такви ЕВН им исклучила струја и ѕвонат немаме струја, а зошто овде ѕвоните, па вие сте Брза Помош треба да помогнете, вели Трипуновска.

Колку младите ги преминаа границите на толеранција и ќе одговара ли некој за злоупотребите на линијата 194. Одговори побаравме, но не добивме од Министерството за внатрешни работи.